
Есеите на Бужаровска се истовремено ем лични ем политични, а и одлична патописна проза.
препорачува Стефан Алијевиќ
Ги заследив есеите на Румена Бужаровска уште кога почнаа да излегуваат на српскиот портал Велике приче. После неколку прочитани есеи, си помислив дека се брилијантен материјал за нејзина нова книга, па кога излезе „Господ, па Америка“ (Издавачки центар Три, 2024), секако дека се израдував што овие големи приказни ќе ги имаме и на хартија.
Есеите на Румена се истовремено ем лични ем политични, а и одлична патописна проза. Авторката ѝ дава нова тежина на овој тип проза, барем во рамките на домашната книжевност. Ги шири личниот есеј и патописот како жанрови додека нè води на фамозно патување низ неколку сојузни земји на САД. Од Аризона до Флорида, плус една не баш лагодна прошетка до Џорџија каде Бужаровска користи ретка прилика да ја посети фармата кадешто некогаш живеела и пишувала маестралната Фланери О’Конор. Расказите на Фланери на македонски ги имаме токму во превод на Румена. За приказната да се заокружи уште поубаво, посетата на фармата (инаку можниот книжевен топос во неколку раскази на О’Конор) се случува токму на роденденот на Фланери О’Конор.
Есеите на Бужаровска се исклучителна интелектуална авантура, визуелно и естетски впечатливи и, би рекол, подобри од гледање добар американски филм. Читајќи, ќе налетате и на неколку пријателски уфрлени препораки за читање и директни сугестии. Како во есејот „Филис Роуз, Пруст и загубениот рај“, каде авторката во еден миг ни вели да пребараме текст на интернет напишан од личниот фитнес тренер на култниот американски геј поет Џејмс Мерил. Се разбира, гуглав и го најдов текстот, и се почувствував како да сум добил уште едно парче вкусен колач и тоа гратис.
Во една прилика, Румена има спомнато дека го преферира личниот есеј како книжевна форма пред дневникот, токму поради тоа што есејот нуди поголема можност да се биде искрен/а во пишувањето. Низ овие есеи, навистина, таа безрезервно ни споделува лични моменти, анегдоти, случувања, чувства и афекти. Пријателите со кои се среќава за време на нејзиното американско патешествие стануваат и наши пријатели. Ни зборува за проблемите на американската култура, за осаменоста на луѓето, за економската заднина на пријателствата, за вознемирувачките политички движења кои постојано земаат замав. Беспрекорно ни доловува и сенишни и весели места од другата култура, а со тоа ни остава и нам свеж поглед, нова перспектива низ која може да погледнеме и кон нашата македонска/балканска култура.
Фотографија: Республика