Сакам да го критикувам општеството и мразам сентименталност

Осврт во париски „Либерасион“ за македонската писателка

Францускиот дневен весник „Либерасион“ во своето викенд-издание посветено на литературата има посебен осврт за најновата книга на Румена Бужаровска што е објавена на француски јазик – „Не одам никаде“. Збирката раскази е во издание на една од најугледните француски издавачки куќи „Галимар“, во превод на Марија Бежановска.


– Жена или маж, ниту еден лик од расказите на Румена Бужаровска не бега од целосното разоткривање на неговите мани и предрасуди. Љубомора, кукавичлак, ароганција… Палавото перо на 44-годишната македонска авторка воодушевува во ситничарството на душите обликувани од општествените стеги – го започнува својот осврт новинарот и литературен критичар Луи Сејер.
Во трето или прво лице, жените со четириесет и нешто години од средната класа, кои најмногу се изразуваат во нејзините книги, ги гледаат своите емоции изложени без филтер, горко исмеани, но со одредена добрина.
– Сакам да го критикувам општеството и мразам сентименталност. Хуморот ми дозволува да ја убијам оваа сентименталност, а исто така е најдобар начин да укажам на нечија ригидност, сексизам или расизам – вели Бужаровска за „Либерасион“.
Разочарани, Весна, Софија или Светлана се сомневаат и се исцрпуваат обидувајќи се да ги исполнат своите улоги како мајка, сопруга или сама жена. Тие се исто толку неспособни како и мажите околу нив да го надминат современиот конформизам и да комуницираат со другите.
– Тоа е една од работите што сакам да ги направам: да ги хуманизирам жените и нивните мани, а не да ги осудувам повеќе или помалку грубо од мажите – додава таа.
Според новинарот на „Либерасион“, овој стремеж не е изненадувачки на Балканот.
Иако денес е една од најистакнатите писатели во регионот, преведена на повеќе од десетина јазици, Румена првенствено се поврзува со каузата на жената. Од нејзиното откривање како студентка, оваа преведувачка и професорка по американска литература на Универзитетот во Скопје повеќе од дваесет години ги осудува лагите на традиционалното семејство. Таа има статус на феминистичка писателка и тврди дека нејзиниот активизам е роден од длабокото чувство на неправда.
– Од почетокот на пубертетот сфатив дека ме третираат поинаку од мојот брат. Не можев да излезам како него бидејќи ме гледаа како потенцијална мајка, со ризик да го „уништам угледот на фамилијата“. Тоа ме направи длабоко огорчена. Моето пишување и мојот активизам потекнуваат од ова чувство – се доверува таа со великодушна едноставност.
Во балканските општества „кои сè уште ја немаат направено својата сексуална револуција“ и каде што жените долго се исклучени од јавната дебата, Румена Бужаровска го поздравува доаѓањето на бранот #MeToo и концептите што резонираат со „Мојот маж“, нејзината прва збирка преведена на француски во 2022 година. Секогаш со нејзиниот разорно каустичен стил, Бужаровска се запрашува за поимот искоренување, толку присутен во земја обележана со емиграција. Додека многу автори од Југоисточна Европа ја отфрлаат етикетата „Балкан“, Бужаровска ја брани. Таа претпочита да го исмева овој „комплекс на инфериорност кон Западот“, како во последниот расказ „8 Март“ и неговото речиси жестоко финале околу сопругата на американскиот амбасадор. Според неа, Балканот е за самоомраза и таа го презира тој комплекс на инфериорност. Одмаздничките национализми поттикнати од популистите во регионот ја згрозуваат. Од Сараево до Атина, оваа внука на комунистички активист прогонет по страшната грчка граѓанска војна се обидува да го осуди локалниот расизам, како што е „албанофобијата“ што го јаде македонското општество (Албанците претставуваат околу 30 проценти од населението, забелешка на „Либерасион“). Како и сите Македонци, и Румена Бужаровска е трауматизирана од неодамнешниот пожар во ноќниот клуб во Кочани. Но оваа вечна бунтовничка, блиска до нејзините студенти, се надева дека генерацијата зед, „многу подобра од нашата“, ќе продолжи да демонстрира против убиствената корупција. И дека ќе престане да бара подобар живот на друго место.
– Нивните родители им ставија во глава дека мора да заминат и дека Западот е целиот млеко и мед, но таму секогаш ќе има сиромашни имигранти. Можеби ќе сфатат дека останувањето во Македонија може да биде одлично и дека понекогаш е подобро да инвестираш таму каде што живееш наместо да заминеш – нагласува Бужаревска за париски „Либерасион“.

Тони Гламчевски

https://novamakedonija.com.mk/zivot/kultura/rumena-buzharovska-sakam-da-go-kritikuvam-opshtestvoto-i-mrazam-sentimentalnost/

Румена Бужаровска е најчитана авторка за 2024 година во „Три“

https://www.radiomof.mk/rumena-buzharovska-e-najchitana-avtorka-za-2024-godina-vo-tri/

На синоќешната средба меѓу писателите и читателите во книжарницата „Три“ во Градски трговски центар, посветена на второто издание на романот „Тони“, македонската современа писателка Румена Бужаровска се здоби со Признание за најчитана авторка во 2024 година во „Три“.

„Со книгите ‘Чкртки’, ‘Осмица’, ‘Не одам никаде’, ‘Мојот маж’, ‘Господ, па Америка’ и ‘Тони’, Румена е најчитаната авторка во Издавачки центар ‘Три’, со продадени над 4 000 примероци во текот на изминатата година“, информираат од издавачкиот центар.

„Исклучително ми е драго, изненадена сум дека сум најчитана авторка во 2024 година. Од друга страна, минатата година објавив две книги, така што има логика. Јас верувам дека не е точно дека не се чита и посебно не верувам во митот дека младите не читаат. За мене ова признание покажува дека луѓето читаат и посебно ми е драго дека сѐ повеќе читаат македонска книжевност. Мислам дека тоа е тренд што никогаш нема да престане“, рече Бужаровска при доделувањето на признанието.

На книгокругот без цензура, инаку дел од книжевната програма во рамки на „Зимскиот фестивал на книгата“, се собраа читатели кои на авторката ѝ поставија прашања за средовечниот рокер од Скопје, кој ги поттикна читателите да размислуваат за значењето на личната одговорност во локален и современ контекст, велат од „Три“.

Читателите добија одговор „дали прекарот шарска е добиен по вистинска приказна“, „дали има некој конкретен прототип за Тони“, „што претставуваше процесот на пишување за таков лик“, но и „како преведувачите би се справиле со преведување на скопскиот сленг“.

„Приказната за прекарот ‘Шарска’ апсолутно не е измислена. Ама тоа не го направил само тој… Прашав некои луѓе и ми рекоа тоа дека е позната работа, го правеле во војска“, посочи авторката.

Зборувајќи за инспирацијата за „Тони“, Бужаровска истакна дека таа дошла од таквите ликови во нашата непосредна близина.

„Во процесот на пишување сфатив дека цело време несвесно сум се справувала со некои сопствени Тониевци, и во семејните, и во љубовните, и во секојдневните односи. И сум ги трпела, па сега ги пуштив преку текстот“, одговори Бужаровска.

Таа дополни дека и преведувачите од Србија и од Хрватска, кои сега го преведуваат романот, препознале свој Тони во ликот.

„Јас многу се грижам јазикот да го отсликува времето и ми беше многу важно на таков јазик да е напишан романот, зашто секоја книга е и документ на едно време. Сакам книгата да е жива. Пишувањето на сленг го направиле многу автори пред мене, да го споменеме Марк Твен во Америка. Како што ние ги преведуваме Твен или Селинџер, така ќе се преведува и ‘Тони’. Ќе го приспособат на нивниот урбан јазик, јазик на педесетгодишник кој живее во тамошно Дебар Маало“, истакна Бужаровска.

Инаку, „Тони“ е во конкуренција за книжевната награда „Роман на годината“, заедно со уште 42 романа кои годинава беа пријавени на конкурсот.

Прочитај извадок – „Тони“, прв роман од Румена Бужаровска

Дојде познатиот дел од песната на Дорс, солото на клавијатури. „Ту Реј Манзарек“, рече важно Тони, повторно ја крена чашката и ја допи на екс. Го обзеде чувство на волшепство, како кога беше млад и одеше на одмор на море, и кога ќе се погледнеше со некоја убава девојка во ноќта додека свиреше на гитара. Ги затвори очите, длабоко вдиша, ги испрчи градите нанапред и помина со прстите низ косата. Кога ги отвори повторно очите, виде две сенки, една повисока и една пониска, како се приближуваат кон него. Не ми се верува, си рече. Не ми се верува кој ми дојде во скут, си рече гледајќи ги девојките од плажата. Двете беа облечени во црни фустанчиња и носеа џиш црвени кармини.


„Калиспера, копелес!“, рече кривоокиот, а слабичкиот за малку ќе паднеше од столчето од што се обиде брзо да стане. „Ористе!“, викна покажувајќи кон своето столче.
„Калиспера“, одговорија девојките стоејќи меѓу двете маси, одмерувајќи каде би седнале. Тони сфати дека Грците ќе му ги земат девојките, ако не реагира брзо.
„Хир из фри ту“, рече и покажа кон двете празни столчиња на неговата маса. „Кај сакаш да седиме?“, повисоката ја праша пониската на македонски.
„Нормално дека треба да седите со наши луѓе“, ја искористи приликата Тони да ги намами да му се придружат, ја префрли косата на другата страна од челото и се насмевна, но брзо го пресече мислата дека можеби забите му се откачиле, па ја затвори устата, помина со јазикот по горната вилица и се опушти кога се осигури дека сѐ си стои на место.


„Па добро тогаш“, рече помалата. Другата кимна, па двете се приближија кон неговата маса. Повисоката лесно се смести на високото столче, но помалечката се фати за пластичната маса обидувајќи се да си помогне да се качи и за малку ќе ја превртеше. „Превисоко ми е“, рече смеејќи се, но Тони веќе стоеше до неа со подадена рака.
„Дозволи ми да ти помогнам“, ѝ рече фаќајќи ја за дланката. Кога девојката се качи на столчето, тој малку и како да се поклони. „Ти благодарам“, побрза да каже пред таа да има можност да му се заблагодари. Таа финта ја имаше научено од татко му, Андон, кој велеше дека господин човек треба да се заблагодарува на дама за приликата да ѝ отвори врата или да ѝ запали цигара. Исто така, татко му го беше подучил дека таа финта „пали кај пичиња“.


„Нема проблем“, му врати девојката без размислување и извади кутија цигари од чантичката што ја беше вгнездила во скутот. Извлече цигара, а потоа ѝ понуди и на другарка ѝ. Во исто време Тони ја собра запалката од масата и ја стегна в рака демнејќи прилика да им ги запали цигарите.
„Ние мислевме од Италија сте“, рече повисоката додека Тони ѝ чкрапаше со запалката пред нос. „Да?“, рече тој поласкан дека го мислат за Италијанец, но повреден од тоа што му персираат. „И да не се персираме, ако може“, се насмевна меркајќи ѝ ги градите на повисоката девојка. Добри набрекнати брадавичиња, си помисли, па се заврте да ја понуди запалката на помалечката и со тоа и нејзе да ѝ ѕирне подлабоко во деколтето.


„Па нели нешто чао бела ни викавте со малиот денес на плажа“, рече таа дувајќи му го димот директно во лице. Тони се сети дека, кога беше млад, ако некоја девојка ти дувне дим во лице, значеше дека сака да ја ебеш.
„Јас мислев дека ти личам на Италијанец“, рече Тони и се насмевна, палејќи и тој нова цигара, задоволен што и тие се сеќаваат на него. Сакаше да продолжи со разговорот, но го прекина слабичкиот гираџија, кој се појави со два проѕирни пијалака од кои штрчеа две бледорозови сламки и ги остави пред девојките.


„Реѓулар, јес?“, рече и се насмевна, покажувајќи го беззабиот простор по четворките на горната вилица.
„Евхаристуме!“, рече повисоката девојка. „Стин ија мас!“, рече пониската и ја крена чашата кон келнерот, а потоа и двете со погледот го побараа кривоокиот, па и нему му наздравија.
„Да сте живи и здрави“, рече Тони сакајќи да наздрави со нив и притоа да ги гледа во очи, но сфати дека чашата му е празна. „Мај френд, бринг ми!“, се навали наназад, му викна на кривоокиот и ја дигна чашката во вис.
„Значи, доаѓате тука редовно штом знаат што пиете, а?“, Тони се заврте кон пониската. Реши дека таа повеќе го пали.
„Да“, одговори таа.


„Леле која песна ја пушти, мајсторе“, рече Тони кога ја слушна Little Wing од Џими Хендрикс. Ги затвори очите, ги згрчи веѓите и посвири малку гитара во воздух додека кривоокиот не му го донесе пијалакот. „Грејт мјузик“, искоментира со догорчето од цигарата залепено меѓу усните. Не почека кривоокиот да му одговори туку се сврте пак кон пониската девојка. „Добра музика пуштаат“, ѝ рече обидувајќи се да го одлепи догорчето од устата без да си скине парче кожа. „Стално вака?“
„Да“, одговори таа, ја изгаси цигарата и извлече нова од кутијата. Тони спремно посегна по запалката.
„Извинете“, рече и си ги лизна горните заби, „ама не се запознавме. Јас сум Тони“, се насмевна и ја подаде раката кон пониската.
„Кате“, рече таа.
„Наташа“, рече повисоката.
„Баш ми е мило што се најдовме тука“, рече Тони и пивна од новата чаша ципуро. „Денес двапати ве гледам. Еднаш тука, еднаш на плажа“, излишно додаде.
„Мало е местово“, искоментира Наташа без да се насмее.
„Ама знаете како викаат“, рече Тони. „Ниедна случајност не е случајна.“
„Кој вика тоа?“, праша Кате.
„Па јас, хахаха“, рече Тони, задоволен од својата мудрост. Девојките пристојно се насмевнаа, но не рекоа ништо. Само си шмукаа од пијалаците, кои веќе им беа при крај. Не се нешто многу муабетчики, ама знаат да потегнат, си помисли Тони. Сега ќе ги анимирам, си рече.


„Што пиете?“, ги праша, повторно гледајќи кон Кате.
„Џинтоник“, одговори таа.
„Брадр, бринг ту мор!“, му се сврте на кривоокиот, кој втренчено гледаше во нив. Се чинеше дека со едното око ја гледа Кате, а со другото Наташа, иако со прстите моташе цигара. Слабичкиот рипна од масата и посветено тргна кон вратата. Се слушна како затропка завесата од реси со мониста.
„Од Скопје сте?“, праша Тони.
Девојките кимнаа и истовремено ги дошмукаа џин-тониците.
„Од кој дел на градот?“
„Карпош 4“, рекоа двете во исто време, се погледнаа и гласно се насмеаја.
„Ха, карпошанки“, рече Тони како да знае некоја тајна за нив, па запали нова цигара.     „Разловечко?“, праша, сакајќи да покаже дека добро го знае нивното маало.
„Вич“, рекоа и двете во исто време и уште погласно се изнасмеаја.
„Кажете што е толку смешно и ја да се насмеам“, рече Тони и цугна од ципурото. Осети како благо го удри во глава, зашто мирисот на морето стана по моќен.
„Дека во исто време збориме“, му објасни повисоката.


„Вич“, рече Тони обидувајќи се да го врати разговорот таму каде што му одговараше. „Го знаете Тони Мрсулот? Он живее таму“, рече.
„Јас не“, рече повисоката.
„Ни јас“, рече пониската.
„Скопска легенда“, рече Тони. „Свиревме заедно во бенд на времето. Ама вие мали сте“, рече и ја погледна Кате. „Гарант не памтиш“, почна да ѝ се обраќа само нејзе. Наташа ја погледна другарка ѝ и малку ги ококори очите. Се слушна тропкање на завесата со мониста и слабичкиот гираџија се појави со двата џинтоника.
„Евхаристуме!“, рекоа двете во ист глас и пак се изнасмеаја, а потоа во исто време повлекоа од нивните џинтоници.
„Брадр, уан мор!“, му рече Тони на гираџијата, го испразни пијалакот во уста и му ја тутна празната чаша во рака без да го погледне. Сега и мирисот на цигарата што се мешаше со мирисот на морето магично му ја матеше главата. Си замисли како ја легнува помалечката другарка на плажа и како брановите му ги лижат петиците додека полека ѝ го соблекува фустанчето.


„Значи, не памтиш гарант“, се заврте кон девојката, „ама баш имавме еден рокбенд со Мрсулот, кратко траеше, ама култни бевме. Кај учеше средно?“
„Во Орце завршивме двете“, рече Кате и погледна кон другарка ѝ. Телото малку како да ѝ се вкочани.
Види ја ти, ја вклучува и другарка ѝ, си помисли Тони. А може се и пар, шо знаеш, може се модерни, си помисли, па ги замисли како се лапаат на плажа.
„Јас сум центарско дете, учев у Броз“, рече тој, „а и Мрсулот таму учеше, ама година дена помал од мене“, додаде. Слабичкиот гираџија ја стави чашката со ципуро пред него. „Тенкс, мај френд“, му рече, а потоа ја крена за да наздрави со девојките, обидувајќи се долго и фокусирано да ги гледа во очи при здравицата. „За карпошанките“, рече.
„После запишав ликовна, студирав вајарство“, продолжи отпивнувајќи од новата чашка ципуро.
„Бев воодушевен од совршенството на женското тело“, додаде влечејќи силно од цигарата.

Знаеше дека таа фраза пали кај повеќето девојки, давајќи им повод да го прашаат што работел и како работел. Потоа требаше да каже дека се посветил на музиката, која му била пасија уште од мали нозе. Никогаш не спомнуваше дека престана да оди на факултет зашто го мрзеше да станува рано за да работи во ателје, а и не можеше да положи историја на уметност во трета година, зашто во меѓувреме умре професорот што му предаваше во прва и втора и кој беше другар на татко му, а во трета го замени една кучка што не сакаше да му даде преодна.
Но девојките ништо не рекоа, што го збуни, па им постави прашање.
„А вие, студентки сте или што?“
„Завршивме биологија“, рече Наташа.
„Едноплазматичен ретикулум“, рече Тони.


Девојките збунето го погледнаа и се напија од џин-тониците.
„Само тоа памтам од биологија. Морам да признаам, не бев некој сјаен ученик“, рече, како да кажува нешто со што треба да се гордее, „се фативме со музики. Е, тоа ти зборев“, повторно несвесно ѝ се обрати само на Кате. „Мрсулот и ја бевме во Д Институшнс. Сте чуле?“, овој пат се заврте и кон Наташа. Двете во исто време ги кренаа рамената. 
Институшнс, зашто бевме институција, и зашто бевме за во институција, сфаќаш?“, продолжи повторно обраќајќи ѝ се само на Кате. Таа срамежливо се насмевна. „Прво почнав со гитара, свирев по свирки, на убави девојки на плажа сум им свирел“, неприродно белите заби на Тони блеснаа во насмевка, „ама пошто имам големи раце“, и тука гордо ја дигна левата дланка и ја рашири, „решивме дека бас најдобро ми лежи.“ 
Девојките молчеа.


„И така се сменивме, Мрсулот свиреше гитара, а ја бас. Кратко траеше бендот, ама поставивме стандард“, рече Тони и им мавна пак на гираџиите. „Мај френдс, уан мор раунд!“, викна и покажа на целата маса. Го обземаше чувството како кога беше млад и одеше на одмор на Јадран и навечер во дискотеките сретнуваше убави девојки од цела Југославија.
„Каминг!“, рече кривоокиот и ја запали цигарата што ја моташе, иако слабичкиот повторно стана и влезе во локалот. Тогаш Тони ги слушна првите тактови од една од неговите омилени песни од Пинк Флојд.
Пигс! Три диферент уанс!“, викна и стана од столчето. Почна во воздух да ги свири рифовите од гитарата на воведот од песната расчекорен, со едната нога качена на ножниот потпирач од шанкерското столче од кое штотуку стана. Осети остар мирис на марихуана како му се приближува и го виде кривоокиот како стои до него и со едното око ја гледа Наташа, а со другото него. Држеше подаден запален џоинт.
„Уел, мај френд“, рече кривоокиот, „дис из Поркиз.
„Дис из бест плејс ин Грис“, рече Тони, и покрај тоа што само еднаш имаше отидено во Солун и во Катерини како мал со неговите. Го зеде џоинтот, иако немаше пушено марихуана дваесет години, откако еднаш преживеа паничен напад. Сега можам, се увери, и сериозно натегна од цигарата, толку што чадот како да му влезе во желудникот во кој што сѐ уште му се вареа гирата што ги проголта попладнето. Инспириран од тоа што не се закашла, потегна уште два огромни дима и потоа џоинтот ѝ го подаде на Кате, која спокојно го прифати и си повлече неколку скромни димчиња, а потоа ѝ го подаде на Наташа, која го направи истото.
„Енџој“, рече кривоокиот, „ај мејк анадер уан“, и си седна повторно на соседната маса, каде што почна да си мота нов џоинт.


„Леле албумов“, рече Тони, кој осети дека главата наеднаш почна да му се дуе и да му го носи сето тело нагоре, кон темните облаци на небото што сега како да му висеа точно над темето, „ремек-дело на крајот на 70тите. Па мислам дека побудалев како тинејџер кога го слушнав ова. После беше една од првите плочи што ги нарачав кога работев во Југотон.“ Ја погледна Кате значајно. „Се сеќавате на Југотон? Можда сте ме виделе таму“, рече земајќи го пак џоинтот од Наташа.
Двете девојки молчеа.
„Па, богами, три-четири години поминав таму“, рече Тони, знаејќи дека веројатно бил и помалку, зашто татко му брзо му најде државна работа, во телевизија.
„Сѐ заборавам дека сте мали“, продолжи и почна лакомо да го цица џоинтот. „Ама да, баталив факултет и сѐ ради музика, опсесија ми станаа плочи“, зборуваше застанувајќи повремено за да испее понекој стих од песната. „Ама ова… политичко и општествено ремекдело! Коментар на капитализам и на Орвел“, поентираше. „Сте го читале?“

„1984?“, праша Кате.
„Не, него Енимал фарм, тоа е ремек-дело на книжевноста“, рече Тони, зашто ја немаше прочитано 1984 и не беше сигурен дали е од Орвел или од Хаксли, кој исто така се читаше во неговата младост.
„Скоро цел албум е на Вотерс, он е мастермајнд зад целиов проект“, продолжи да зборува. „Ова е уште пред да станат популарни со Д Вол. Ги сакав уште пред да бидат битни. Уште пред сите да ги слушаат кај нас“, додаде. Не забележа кога слабичкиот гираџија наеднаш се појави крај масата со три чаши.
„Sин тоник фор лејдиз енд ципуро фор ѕентлмен“, промрмори тој.
„Тенкју, мај френд!“, викна Тони и му го подаде џоинтот откако уште еднаш длабоко потегна.


„Ноу, тенкс“, рече гираџијата. „Ит мејк ми…“, се замисли барајќи го зборот на англиски. Со десната рака направи гестикулација како да одвртува сијалица. „Ит мејк ми крејзи.“
„Ви нева гона сурвајв анлес ви ар а литл крејзи“, рече Тони и значајно ја погледна Кате. Ги испипа забите со јазикот, да види дали се таму. Си беа на место, па широко се насмевна.
„Така ли е, мала?“, ѝ рече подавајќи ѝ го џоинтот. Кате повторно како да се вкочани и со главата по кажа кон Наташа, која молчешкум го прифати џоинтот.
„Ама тоа е друга песна, да не се деконцентрираме“, рече Тони, повторно седна на столчето, ги затвори очите и ги сврте лицето и телото кон Кате.


Благо се насмевна и ја подаде брадата кон неа. Студеникавиот морски ветрец му дуваше во лице и му ги виореше свежо измиените праменчиња коса. „Животот е краток“, прошепоти не отворајќи ги очите, замислувајќи си дека Кате ќе сфати дека немаат време за губење и дека, кога ќе ги отвори, таа ќе му се смешка. Лицето ќе ѝ биде поблиску до неговото. Реши уште малку да седи замижан.
„Ти ѕвони телефонот“, го слушна гласот на Кате и се штрекна. Ги отвори очите и на екранот ја виде сликата од Тамара што ја беше ставил на нејзино инсистирање. Срцето брзо му зачука.
„У пичку матер, ме извади од памет“, рече, го крена телефонот и одговори. „Ало, што е?“, грубо за’ржа.
„Кај си?“, праша Тамара.
„Што ми ѕвониш на роаминг?“, нервозно одговори Тони.
„Нели излезе до продавница?“
„Отидов да се прошетам, де“, рече Тони.
„Што ми ѕвониш на роаминг?“, повтори.
Девојките шмукаа од сламките и го посматраа. Срцето почна уште посилно да му бие и устата му се исуши. Проба да го крене јазикот до забите за да ги провери дали се во ред, ама едвај го одлепи од дното на устата.
„На Тиџеј му е лошо“, рече Тамара.
„Како тоа лошо?“, рече Тони.
„Повраќа и те бара“, рече Тамара. „Лом направи.“

„Господ, па Америка“ – Румена Бужаровска

Есеите на Бужаровска се истовремено ем лични ем политични, а и одлична патописна проза.

препорачува Стефан Алијевиќ

Ги заследив есеите на Румена Бужаровска уште кога почнаа да излегуваат на српскиот портал Велике приче. После неколку прочитани есеи, си помислив дека се брилијантен материјал за нејзина нова книга, па кога излезе „Господ, па Америка“ (Издавачки центар Три, 2024), секако дека се израдував што овие големи приказни ќе ги имаме и на хартија.

Есеите на Румена се истовремено ем лични ем политични, а и одлична патописна проза. Авторката ѝ дава нова тежина на овој тип проза, барем во рамките на домашната книжевност. Ги шири личниот есеј и патописот како жанрови додека нè води на фамозно патување низ неколку сојузни земји на САД. Од Аризона до Флорида, плус една не баш лагодна прошетка до Џорџија каде Бужаровска користи ретка прилика да ја посети фармата кадешто некогаш живеела и пишувала маестралната Фланери О’Конор. Расказите на Фланери на македонски ги имаме токму во превод на Румена. За приказната да се заокружи уште поубаво, посетата на фармата (инаку можниот книжевен топос во неколку раскази на О’Конор) се случува токму на роденденот на Фланери О’Конор.

Есеите на Бужаровска се исклучителна интелектуална авантура, визуелно и естетски впечатливи и, би рекол, подобри од гледање добар американски филм. Читајќи, ќе налетате и на неколку пријателски уфрлени препораки за читање и директни сугестии. Како во есејот „Филис Роуз, Пруст и загубениот рај“, каде авторката во еден миг ни вели да пребараме текст на интернет напишан од личниот фитнес тренер на култниот американски геј поет Џејмс Мерил. Се разбира, гуглав и го најдов текстот, и се почувствував како да сум добил уште едно парче вкусен колач и тоа гратис.

Во една прилика, Румена има спомнато дека го преферира личниот есеј како книжевна форма пред дневникот, токму поради тоа што есејот нуди поголема можност да се биде искрен/а во пишувањето. Низ овие есеи, навистина, таа безрезервно ни споделува лични моменти, анегдоти, случувања, чувства и афекти. Пријателите со кои се среќава за време на нејзиното американско патешествие стануваат и наши пријатели. Ни зборува за проблемите на американската култура, за осаменоста на луѓето, за економската заднина на пријателствата, за вознемирувачките политички движења кои постојано земаат замав. Беспрекорно ни доловува и сенишни и весели места од другата култура, а со тоа ни остава и нам свеж поглед, нова перспектива низ која може да погледнеме и кон нашата македонска/балканска култура.

Фотографија: Республика

ЦИГАРИ, ПАРИ И ЗДРАВЈЕ – Есеј од Румена Бужаровска

Имам пријател од Македонија кој живее во богатите, германски предели на Европа. Таму живее и работи поголемиот дел од неговиот живот како возрасен човек.  Како и други Македонци што се иселиле на Запад, и тој порано пушел. Сега е од оние Европејци опседнати со здравјето, па следствено, со смртта. Секојпат кога ќе се сретневме на кафе да си помуабетиме за тоа што-како било и ќе запалев цигара, ќе ме искараше за мојата навика со жестокоста што е карактеристична за бивш пушач. „Сакаш да изгледаш како сите тука?“ ќе ме прашаше. „Види каков тен имаат, гледај колкави ќеси имаат под очите“, ќе ме предупредеше. „Сѐ ти е тоа од цигари, алкохол и месо!“

            Иако не ми се допаѓа кога ме караат, морам да признаам дека неговите зборови ме натераа малку повеќе да обрнам внимание на изгледот и на навиките на луѓето во моето опкружување. И да, мојот пријател има право. Многу луѓе овде во Македонија и во други делови на поранешна Југославија изгледаат така – земјен тен, потечени очи, испиени образи, подуени стомаци, виснати раце, подгрбавени ’рбети, рапави гласови од децении пушење. Но зад сето тоа не стојат само месото, ракијата и цигарите: ова е балканското лице на сиромаштијата.

            Не можам го заборавам мигот кога првпат во животот видов морбидно дебел човек во Америка.  Тоа беше во раните 90-ти. Татко ми ме зеде со себе во банка, па додека се врткав низ чекалната дури тој вршеше работа, во банката влезе огромен човек кој застана на крајот на редицата. Подзинав од  тој самонанесен деформитет и не можев да престанам да зјапам во него. Не е дека во Македонија нема дебели луѓе. Баба ми, на пример, си беше дебела, но овде зборуваме за големина што длабоко ме вознемири. Се сеќавам дека не можев да ги одлепам очите од фалтите сало што му висеа од телото во слоеви, еден врз друг, како самиот да се топи како свеќа. И не можам да си ја заборавам чудната и глупава помисла дека ваков еден човек не мора да носи алишта, зашто едноставно може да си ги скрие и паричникот и клучевите во еден од своите набори од сало. Тогаш мислев дека само овој човек што го видов е уникатна манифестација на американската нездравост, а со тоа, и нa сиромаштијата, но во следните недели сретнав многу луѓе слични на него.

            Често размислувам за здравјето, за парите и за стареењето на ова патување низ Америка. Како прво, мојот 74-годишен тетин боледува од Паркисонова болест, па и покрај тоа што е универзитетски професор со здравствено осигурување (брутално нехумана индустрија во САД), болеста може финансиски да го уништи. Тука беше и патувањето до Бизби со 80-годишната Ненси, која секое утро игра тенис и има розови обравчиња, па потоа смртта на нејзината 70 и нешто годишна сестра, која во младоста знаела да се забавува и многу пушела. А се наближува и моето патување низ Флорида и Џорџија со Стив, мојот пријател и преведувач кој има 70 години и наскоро ќе ме запознае со мноштвото негови пријатели низ двете држави, од кои повеќето се во седмата или во осмата деценија од животот. Да не го заборавам и проблемот со пушењето: секое утро имам ритуал на пушење две цигари со кафето, што често ги тера Американците да ми упатуваат погледи полни со прекор и гадење. Но доста за ова, зашто еве ме како слетувам во Орландо и од небото се воодушевувам на величественото шаренило на Флорида – зелени парчиња земја прошарани со азурни езерца – и слушам како стјуардесата во последен миг се обидува да ни шитне уште нешто што е наводно „бонус“ или „бесплатно“.

            Стив и боите на Флорида

           Уште пред да ме земе од аеродром, Стив неколкупати ми повторува дека има „мала кола“ и да не носам голем куфер на патувањево, зашто автомобилот е веќе преполн со работи што ни требаат за по пат. Го чекам во гужвата пред терминалот и набрзо го забележувам како пристигнува и ме бара со поглед. Првото што си го помислувам е: не, ова не е мала кола. Во Европа, ова важи за нормална кола. Но колите во Америка се одраз на мегаломанијата на културата, па многу луѓе возат автомобили што ние ги сметаме за камиончиња. Колата на Стив е кобалтно сина Hyundai Accent, која ја вика Џени според вредната и доверлива секретарка на Катедрата за англиски јазик во Тајван, кога таму работел како нејзин шеф. Повремено љубовно ја тапка инструмент-таблата да ѝ се заблагодари на Џени што нѐ носи таму каде што сакаме, што не се расипува и што не ни прави проблеми во текот на патувањето долго 2 000 милји (3 200 километри). Не преувеличувал кога ми велел дека автомобилот е преполн; задното седиште е натрупано до самиот покрив и единственото слободно место е совозачкото седиште, на кое Стив замотал крпа за моја „лумбална поддршка“. Долгнавестата фигура на Стив вертикално ја исполнува колата. Толку е висок што темето му е на два сантиметра од покривот. Носи дреч верзија на боите на Флорида што ги видов од авионот: неонска зелена трака околу главата и ултрамаринска сина спортска блуза. Среде хаотичниот сообраќај со нетрпеливите автомобили начичкани зад нас, се дигам на прсти за да го гушнам пред набрзина да го пикне мојот огромен куфер во малиот багажник на Џени. Тргнуваме.

            „Што е со тракава?“ го прашувам штом успеавме да се исклучиме од автопатот со пет ленти, на кој има толку многу сообраќај што Стив и јас не успеваме ни збор да си проговориме што не е поврзан со навигација. Ми објаснува дека ја носи за да не му влегува косата во очи кога вози со спуштени прозорци. Стив има снежнобела коса до рамена, која ја држи врзана во ниско репче. Неговиот одговор ми е логичен, но сепак заклучувам дека тоа не го оправдува изборот на боја: лимета зелена. Тука престанувам да го распрашувам, зашто Стив не е опседнат со својот изглед, а меѓу другото, имаме многу што да си кажеме. И така почнува нашето двонеделно, бескрајно интересно дрдорење. Задоволна сум што вози со отворени прозорци; пролетниот воздух е мек, малкуцка влажен, а температурата е совршена за мојата кожа. Возиме покрај небројни езерца вгнездени во свилено зелени ливади обрабени со палми, кои личат на огромни цветови со долги дршки што го бакнуваат небото со кумулус облаци како од слика. Почнувам насекаде да ги распознавам црно-белите минијатурни пејзажи на Стив, но сега, во боја.

            Додека вози, Стив ми го изожува планот за следните два дена. Прво, ќе спиеме кај внука му, Пем, која живее во предградие на Орландо. Воопшто не ме интересира градот преполн со туристи од Disney World, а и него не го интересира. Затоа, решаваме да не правиме ништо посебно кај Пем за да сме свежи за долгиот пат што нѐ чека накај Ки Вест следниот ден. Патот трае најмалку седум часа, кои Стив сигурно може да ги извози во еден ден. Не сум загрижена за него, туку сум за себе, зашто Стив изгледа како да е во подобра физичка форма од мене. Живее речиси исклучиво на салати и секој ден пешачи по осум километри, по што вежба јога, иако воопшто не ја сака. Меѓу повеќето мудрости што ги научив од Стив е дека возраста се познава преку две нешта: кожата и држењето на телото. Стив вели дека луѓето почнуваат да изгледаат старо не само поради тоа што кожата им се брчка и шара со дамки туку поради тоа што здрвено се движат. Па затоа, јога. За да ја одржува кондицијата на мозокот, Стив вежба нешто што го нарекува „мнемоника“. Во моментов учи пасуси од Пруст напамет, откако научи цело поглавје од Кон светилникот на Вирџинија Вулф, како и од Четирите квартети  и од Пуста земја од Т. С. Елиот. Па така, мозокот и телото на Стив се толку витални што можеби и сум постара од него.

            Црната ракавица за пушење на Пем

           Време е за мартини кога ја паркираме колата во приодот на гаражата на Пем, веднаш до нејзиниот светлозелен, уредно искосен двор без ограда. Како што е вообичаено во Америка, влегуваме во куќата преку гаражата, па во собата за перење и сушење алишта, каде што ја среќаваме Џини, една умна млада жена од Порторико што моментално живее со Пем и нејзиниот сопруг Иван (кого овде го викаат Ајван). Воопшто не е изненадена кога нѐ гледа, па сфаќам од Стив дека куќата на Пем е постојано отворена, дури и кога таа и Иван не се дома, како сега. Уште двапати ќе ја посетам куќата на Пем додека сум во Флорида, што кај мене ќе урне многу предрасуди, меѓу кои главната е дека Американците се распиштолени лудаци опседнати со имот.

            Уште едно кршење на предрасуди е поврзано со тоа што пушам, како што веќе кажав, кога пијам кафе или алкохол. Покрај ужасно здравите навики на Стив, тој има една кон која успевам да се придржувам: точно во пет часот попладне од некаде вади шејкер, две луксузни чаши од вистинско стакло (го нагласувам вистинското стакло зашто Американците обожаваат пластика и постојано јадат и пијат од неа), од кои едната има заоблена дршка, потоа шише џин, мраз и маслинки, и прави мартини. Ова е една од причините зошто задното седиште на Џени е толку натрупано: Стив со себе носи секакви нужни работи на своите патувања, како, на пример, еден тон книги и барем дваесет блокчиња за цртање. Едно дообјаснување за читателите од поранешна Југославија: додека за нас „мартини“ е синонимно за вермутот што го носи истото брендирано име, во Америка „мартини“ е, всушност, чист џин со капка вермут и шпанска маслинка, протресен, но не промешан (што би рекол Џејмс Бонд). Ништо од ова не знаев пред да го лоцирам најоддалечениот агол во огромниот заден двор на Пем  и не го прашав Стив дали може да пушам овде со мартинијата што ни ги подготви за добредојде. Секогаш ми е страв од тоа прашање. Некогаш домаќините се толку навредени небаре сум ги прашала дали може да им се искакам на маса. „Нема проблем“, вели Стив, вади една празна лименка кока-кола од кантата за рециклирање и ми ја нуди како пепелник. „И Пем пуши“, ми вели, „ама мислам дека крие од мажот ѝ.“

            Наскоро се појавува Пем. Нејзиното присуство веднаш се чувствува и за две минути сфаќам дека оваа жена многу ми се допаѓа. Таа е висока русокоса жена со сини очи која не губи време за формалности; зборува директно и отворено, со гестикулации карактеристични за ѕвездите од реалните шоуа со огромни нокти. „Што е со тракава?“ го прашува чичко си Стив мртва сериозна, но тој е толку внесен во своето мартини што воопшто не му текнува да се отараси од неа. Пем има околу педесет години, што значи дека е една од најмладите луѓе што ќе ги запознаам на ова патување.

            Пем е адвокатка специјализирана за несовесно лекување. Нејзината работа е навистина тешка. Им помага на клиентите да ги тужат болниците што осакатиле или убиле пациенти поради незнаење, немарност или ароганција. Нејзините приказни од работа се брутални. Сега им помага на еден сиромашен латино пар да ја тужат болницата што му дозволила на лекарот и на сестрите со вакуум да го извлечат бебето од утробата на мајката, што кај детето предизвикало трајно и тешко оштетување на мозокот. Многу емоции и многу пари се вртат во овие случаи, на кои таа се посветува политички, општествено и лично, зашто неправдата суштински ја разгневува. Се разбира дека заслужува неколку цигари и чаша-две вино за да се одмори по еден толку напорен ден што наликува на оние холивудски адвокатски драми.

            Но нејзиниот сопруг Иван навистина го мрази пушењето. Подоцна ќе видам дека, кога на терасата ќе се појави цигара, Иван исчезнува. Американското стигматизирање на пушењето му дава на Иван уште поголемо оправдување за таа нетолеранција, и покрај тоа што е од Венецуела. Оваа нетолеранција го има сменето однесувањето на Пем, па таа си ги крие цигарите и запалката во мало, меко чантиче во кое исто така чува мазна, црна хируршка ракавица која ја става на десната рака пред да запали цигара. Изгледа опасно поради таа ракавица. А и трикот е прилично умен, каква што е и Пем. Камо да го знаев во средно. Ја прашувам Пем дали Иван знае дека таа пуши и таа ми раскажува смешна приказна.

            Пем и Иван имаат нова тесла. Пем ја возела на работа. По работа, ќе скршнела од патот за да оди во еден парк да пуши цигари. Но Пем не го знаела е дека теслата имала автоматски инсталиран ГПС што го известувал Иван каде одела Пем. Со денови Иван гледал како Пем исчезнува во некое паркче по работа, а потоа се враќа дома како ништо да не било. Еден ден ја соочил со тоа кажувајќи ѝ дека знае за нејзините авантури. Ја прашал дали го изневерува. „Не бре, идиоте“, сигурно му одговорила Пем, „само пушам цигари!“ Последиците од инцидентот се дека Иван си оди од терасата на задниот двор секојпат кога Пем ќе го извади црното чантиче и ќе го стави на маса. И го исклучил ГПС-от на теслата.

            Ќе испушам многу цигари со Пем, многу повеќе од обично. Го засилуваат уживањето во разговорот со неа. Меѓу другите работи, дознавам многу за здравјето и за парите во САД, кршејќи притоа уште понекоја предрасуда за пријателствата во оваа земја. 

https://prikazni.mk/b/463/cigari-pari-i-zdravje-esej-od-rumena-buzarovska

„Мојот маж“ меѓу 100те највпечатливи книги за 2022 во Франција

Збирката раскази „Мојот маж“ на македонската писателка, професорка и преведувачка Румена Бужаровска е на листата на 100 највпечатливи книги за 2022 во Франција, која ја објави француското книжевно списание „Лир“ (Lire).  Книгата на француски јазик излезе на 8 септемрви, во издание на прочуената издавачка куќа „Галимар“ од Париз. Ова е првпат дело од македонски автор да биде издадено од овој водечки француски издавач што постои 111 години. „Мојот маж“ на француски ја преведе Марија Бежановска.

„Мојот маж“ е четврта збирка на Бужаровска, а во Македонија во 2014 ја издаде „Или-или“. Досега е преведена на 13 јазици, а следат и преводите на шпански, португалски, бугарски, полски и грчки, а грчкиот издавач „Дарданос“ ќе објави 3 нејзини збирки.

„Мојот маж“ лани во март излезе и на германски во издание на „Зуркамп ферлаг“ и беше книга на неделата во Германија, според угледниот неделник „Шпигел“. Оваа книга се смета за најуспешно издание од сите регионални автори објавени на германски за територијата на Германија, Швајцарија и Австрија.

„Мојот маж“ е едно од најчитаните дела во земјава, а има и театарски живот – во 2020 во Драмски театар во Скопје го постави Нела Витошевиќ, Ивана Ѓилас во Словенско народно гледалишче (СНГ) Љубљана и Јована Томиќ лани во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград.

Б. НЕСТОРОСКА

https://sdk.mk/index.php/kultura/mojot-mazh-na-rumena-buzharovska-megu-100-najvpechatlivi-knigi-za-2022-vo-frantsija/

Силно верувам во сегашноста и во иднината, и во вредностите што сега ги градиме

Новите генерации автори ја оживеаја сцената и направија македонската јавност да чита и да бара дела од домашни автори, вели во интервјуто за МКД.мк и за respublica.edu.mk една од најпопуларните денешни македонски писателки, Румена Бужаровска, чии книги достигнуваат високи тиражи и во Хрватска и во Србија. Смета дека традиционално не се спроведуваат добри културни политики, дека лошо се раководи со националните културни институции и дека власта културата ја смета за третостепен ресор. „Затоа им се чудам и им се восхитувам на независните уметници како функционираат во оваа средина.“

Бужаровска е и книжевен преведувач и вонредна професорка по американска книжевност на англиската катедра на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2016 година беше избрана за еден од најинтересните писатели во Европа (Ten New Voices of Europe) во рамките на платформата Литературна Европа во живо (Literary Europe Live). Добитничка е на хрватската регионална награда за кратка проза „Едо Будиша“. Таа е една од организаторките и иницијаторките на ПичПрич – платформа за раскажување женски приказни. Нејзините раскази се преведени на англиски, хрватски, украински, српски и германски, а токму во Хрватска и Србија тиражите на нејзините книги постигнуваат невообичаени бројки дури и за овие простори. Токму за тие простори, за загубениот поранешен југословенски простор и вредности, зборуваме со Бужаровска, која имала само 10 години кога се распадна Југославија.

Како ретко кој македонски уметник сте присутна и на бившојугословенските простори. И со преводи и со поставка на театарските сцени на Вашите дела. Колку овој наш, македонски културен простор Ве ограничува, и како се освојуваат тие нови простори?

– Во рамките на самиот простор не се чувствувам многу ограничена. Ние сме релативно млада книжевна култура, што овозможува простор за отворање нови перспективи, експериментирање, поставување јазични, книжевни и културни вредности или пак стандарди. Ако живеете, на пример, во Велика Британија, која има толку богата книжевна и јазична традиција, вие не учествувате толку директно и активно во создавањето на културата, со оглед на тоа што пред вас имало илјадници писатели или филолози. Од тој аспект е прилично возбудливо да се работи во средина во која има неограничени можности за создавање и истражување.

Но од друга страна, ограничувања има од едноставна причина што земјата е мала и македонскиот не го зборуваат многу луѓе. Исто така, Македонија не им звучи егзотично или интересно на странските издавачи, па ги интересира да објават авторка на раскази од Македонија колку што кај нас ги интересира издавачите да објават поетеса од Естонија. Преводот секогаш претставува пречка – финансиска од една страна, од друга и техничка, оти не многу луѓе го зборуваат јазикот и умеат да преведуваат од македонски. Па така, новите простори се освојуваат тешко. Југословенските – малку полесно, зашто јазикот им е близок, како и културата, а нѐ обединува и заедничка историја, па и чувство на носталгија.

Што е заедничко на овие бившојугословенски простори во смисла на вредности, стандарди, присутност на културата во секојдневниот живот…?

– Главно имаме слични проблеми. Закоравен патријархален систем, корупција, насилство, нетрпеливост кон други народи и вери, алкохолизам, неквалитетен живот, низок стандард… Секако, нѐ обединува и заедничката историја, која играла улога во создавањето на овие проблеми. Културата во секојдневниот живот зависи и од културната политика на државата. Главно секаде е повеќе или помалку запоставена. Не познавам многу писатели што можат нормално да живеат само од пишување, на пример. Да, еве во Белград многу се чита, театарот е на повисоко ниво, но тоа е само во Белград, а и преведувачите на тие книги што се читаат се ниско платени.

Таа заедничка културна сцена во бивша Југославија беше многу развиена, влијателна, силна… Не сте ја доживеале, ама верувам дека ја дознавте. Каде се изгуби таа сила? Што ни се случи, па сите тие вредности некако да ги загубиме и нешто друго да дојде на сцената, кое најблаго речено може да се квалификува како кич и невкус?

– Не ја доживеав културната сцена во Југославија бидејќи имав 10 години кога се распадна државата. Дури во последните години ја запознавам преку моите колеги од тие простори. Интересно е што се јавува нова постјугословенска сцена, која исто така е многу силна, но не може да се наметне подеднакво како поранешната, со оглед на тоа што сега сме повеќе мали држави, па постојат реални политички бариери и граници. Кога имате една територија, полесно се движите и полесно се идентификувате. Вака, сите имаме мали расцепкани идентитети, а од друга страна сите ѝ припаѓаме на една иста сцена и тоа многу добро се гледа и по тоа дека сите се дружиме и соработуваме меѓусебно.

Не мислам дека вредностите на сцената може да се квалификуваат како кич и невкус. Тука ја мешаме културната со естрадната сцена. Патем, и за кичот има место во една култура, како што има и за поезијата, или за џезот, или за класичната музика. Само што прашање е дали постојат механизми да се промовира културата, и дали, да речеме, државата им помага на уметниците или на културните работници.

Порано мoжеби државата немаше механизми, ама некако се знаеше кому каде му е местото. Кичот едноставно немаше пристап до, на пример националните телевизии, јавните сервиси, што не е случај денес. Очигледно денес ни се потребни тие државни механизми. Какви?

– Искрено не знам како изгледало тоа порано… Сепак мислам дека не е толку прашање до тоа дали ќе има кич по телевизии или не, туку дали ќе има и друга содржина, т.е. колку и дали воопшто е вреднувана или присутна културата. Мислам дека традиционално не се спроведуваат добри културни политики, дека лошо се раководи со националните културни институции и дека власта културата ја смета за третостепен ресор. Затоа им се чудам и им се восхитувам на независните уметници како функционираат во оваа средина.

Што се случува на македонската културна сцена? Има ли некакви поместувања, некои нови генерации што можат да нѐ донесат барем на ниво на вредностите што ги имавме, а да не зборуваме за нешто понапред, нешто ново, освојување некои нови простори…?

– Не знам дали се сеќавате, но порано воопшто не беше популарно да се читаат македонски автори. Тие се читаa во затворени кругови, а и домашната книжевност што ни ја пласираа во училиште преку лектирите тешко комуницираше со нас – во неа имаше многу страдање и мачење, а малку радост и малку хумор, речиси воопшто.

Новите генерации автори ја оживеаја сцената и направија македонската јавност да чита и да бара дела од домашни автори. Секако дека има поместување на границите и освојување нови простори – новата книжевност пластично ја опишува нашата реалност, со што е архив на нашето време, но тоа го прави критички и смело.

Еве, пред некое време излезе првиот македонски квир-роман. На книжевната сцена доминираат авторки. Истото се случува и во филмот, па и во театарот има поместување. Искрено, не верувам дека порано било подобро. Можеби порано помалку сме знаеле, па така ни се чинело. Или пак сме биле помлади, па младоста сме ја асоцирале со вредност и добросостојба.

Ако ги преброите продадените билети за концерти, изложби, филмови и театарски претстави во Македонија, продадени книги… што може да заклучите за тоа каде одиме?

– За жал, не можам да ги пребројам, а навистина би сакала некој тоа да го направи. Искрено ме интересира колку тоа се чита, не се чита или се оди или не се оди по концерти и театри, посебно во споредба со другите соседни држави, но земајќи ја и предвид финансиската состојба на просечниот граѓанин. Не смееме да заборавиме дека за повеќето, културата е луксуз. Кога немаш можност да платиш сметки, секако нема да купиш книга, или да одиш на концерт.

Како да го вратиме она што значи вистинска вредност, не само во културата, туку и во смисла на етика, морал, достоинство, чест…?

– Јас не верувам дека сме ги изгубиле вистинските вредности, ниту пак мислам дека порано вредностите биле вистински. Силно верувам во сегашноста и во иднината, и во вредностите што сега ги градиме. Вредностите, во минатото, на пример, биле авторитарни и исклучиви. Целата наша културна сцена се состоела само од мажи, етнички Македонци, кои зборуваат за своите искуства.

Тие ‘вредности’ потоа се пренесуваат во општеството и културата, па нормално е во 21 век една голема партија што наводно се залага за вредностите што пропагираат еднаквост меѓу мажите и жените, на локални избори да излезе со неодамна објавени 16 мажи кандидати за градоначалници, и ниту една жена. Системот со вредности во минатото, и тој во кој и јас сум растена, е систем на авторитарност и насилство од страна на помоќниот и привилегираниот. За мене, феминизмот претставува начин во кој преку соработка, разбирање и доверба, овој магичен круг на моќ ќе се скрши, и за сите нас ќе дојдат подобри времиња.

Новинар: Александар Дамовски Фото: Роберт Атанасовски

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студиикако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

https://respublica.edu.mk/intervju/rumena-buzarovska-silno-veruvam-vo-segasnosta-i-vo-idninata-i-vo-vrednostite-sto-sega-gi-gradime/

Како општество потребни ни се уште „шамари“

„Популарноста е еден непријатен курцшлус за писател“ | Фото: БИРН

Румена Бужаровска е македонска писателка, авторка на раскази за која во моментов многу се зборува и се пишува надвор од Македонија и она што можеби е поважно – ја читаат и ја коментираат луѓе што се надвор од тие некои литературни кругови. Во Србија продала 6.000 примероци од збирката „Мојот маж“, а последната „Не одам никаде“, со месеци, е меѓу петте најпродавани наслови во една од белградските книжарници.

Двајца режисери од ексјугословенските простори, пак, сакаат да снимат филм според еден од новите раскази.

Двајца режисери од ексјугословенските простори сакаат да снимат филм според еден расказ од  збирката „Не одам никаде“

Се договоривме да се сретнеме во едно од скопските кафулиња откако таа ќе ги заврши часовите на Филолошкиот факултет, каде што предава Американска книжевност и Преведување од англиски. Малку задоцни, ама се појави со торба книги и сликовници, кои само што ги купила.

„Убаво е, фино е кога ќе видиш дека те читаат и згора на сѐ те сфаќаат сериозно, ама истовремено е чудно, шокантно.“

Убедена е дека во описот и пописот на нејзината работа како писателка нема место за популарност, иако читателите, посебно оние од Србија и од Хрватска, помалку и ја доживуваат – не како ѕвезда, ама, ете, како позната личност.

„Тоа еден непријатен курцшлус за писател“, вели Бужаровска, иако не сака да остави впечаток дека се жали.

На читателите им е здодеано од „машки“ приказни

Нејзините раскази зборуваат за проблемите на обичните луѓе во склоп на семејствата, за интимните драми што често се премолчуваат и кои на извесен начин се предизвикани од посттранзициското општеството.

Таа смета дека нејзиниот успех надвор се должи на тоа што читателите се препознаваат во овие приказни, затоа што сме поминувале низ повеќе или помалку слични процеси по распадот на Југославија.

„Ама од друга страна, ме доживуваат малку егзотично, оти, сепак, доаѓам од друга култура и пишувам на јазик што не го познаваат целосно.“

Смета дека е читана на Балканот и затоа што во прв ред Србите и Хрватите не се чувствуваат нападнати од нејзините приказни, во расказите не зборува за големите теми, како што е национализмот, на пример.

„А, тие меѓу себе ги имаат таквите наративи и се чувствителни кон тоа.“

„Пишувам за луѓе кои буквално од небо паднале во своите професии поради некои општествени околности. Којзнае како професорката од мојот расказ се нашла на факултет, којзнае како Катица Јанева се нашла таму каде што се нашла“

Иако не беше најсреќна што ја искористи токму таа фраза, ама „тајната на својот успех“ ја гледа и во уште еден аспект. Вели читањето е домен на жените, сите статистики го покажувале тоа, и затоа многу природно било писателите да се сѐ повеќе жени.

„На таквата читателска публика ѝ е здодеано од машките наративи и тоа е една свежина што влегува во поранешните југословенски простори.“

Збирката „Мојот маж“ е преведена уште во Италија и во Унгарија и сега треба да излезе во Америка, Англија и во Северна Ирска. 

„Ама таму јас не очекувам некој успех.“

Задоволна е што и во Македонија е читана. Не мисли дека дома сега треба некако посебно да ѝ се потресуваме и да ја цениме само зашто била популарна надвор.

„Како што обично знаат Македонците да си зборуваат! Едноставно, супер е што и овде сум читана.“

Нема некој ќар од продажбата на книгите, вели тоа се малку пари и така било секаде.

„Заработката доаѓа полека и кога ќе ти дојде хонорарот тоа е како кога ќе си најдеш 1.000 денари в џеб.“

Смешно-тажно

Ми се допаѓа поврзаноста меѓу хуморот и трагедијата | Фото: БИРН

Нашата соговорничка има чувство дека општеството ја врамило. Таа е феминистка, меѓутоа ѝ пречи сѐ што прави и сѐ што зборува да се гледа само од таа перспектива.

Сепак, оние што барем чуле за неа или ѝ виделе фејсбук-пост, расказите ѝ ги читаат и преку феминистичка призма. Затоа неизбежно беше да зборуваме за жените во нејзините раскази, кои често ги слика како прилично гротескни ликови.

Ликот од расказот „8-ми Март“ е жена што залутала во професијата и која тотално се посрамотува на еден настан во американската амбасада. Жената од приказната  „Чероки црвена“ е понизна пред сопругот, кој, пак, е оригинален балкански шовинист со сите нишани. Сопругата од расказот „Прељуба“ се понижува и влегува во багажникот на автомобилот, во кој водат љубов нејзиниот маж и љубовницата.

„Многу сакам гротеска, во принцип многу ми се допаѓа поврзаноста меѓу хуморот и трагедијата. Сакам кога е смешно-тажно.“

Таа се сложува дека има одреден презир кон жените за кои пишува, но вели дека е поважно тоа што има и емпатија. Критиката не ѝ е насочена кон жената за која раскажува, туку кон процесите околу неа.

„Се обидувам емпатијата на читателот да ја насочам кон жените што живеат во рамките на едно грозно, патријархално и шовинистичко општество. Jас морам да ја раскажам приказната на жената за читателот да сфати зошто таа е таква каква што е.“

„Се обидувам емпатијата на читателот да ја насочам кон жените што живеат во рамките на едно грозно, патријархално и шовинистичко општество. Jас морам да ја раскажам приказната на жената за читателот да сфати зошто таа е таква каква што е.“

Во ликот и во однесувањето на професорката од расказот „8-ми Март“ може да се насетат карактерните црти и на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. На Бужаровска ѝ се допаѓа ваквата паралела, иако инспирацијата не ѝ дошла од бившата шефица на СЈО, туку од академската заедница. 

„Пишувам за луѓе кои буквално од небо паднале во своите професии поради некои општествени околности. Којзнае како професорката од мојот расказ се нашла на факултет, којзнае како Катица се нашла таму каде што се нашла. Многу луѓе во нашето општество си се имаат најдено некаде, добиле некакви улоги и си ги играат, а нема везе тоа што го прават.“

Бужаровска беше учесник во Шарената револуција и често така ја претставуваат и во странство. 

Денес таа е изненадена од улогата на Јанева во случајот „Рекет“ и се сложува дека јавноста до некаде можела да насети оти таа е токму таква – падната од небо во својата професија.

„Кога на почетокот почнаа да ја критикуваат за чипката што ја носeше и за слични некои работи, сакав да верувам дека јас имам предрасуди и дека едноставно не е тоа така како што мене ми се чини.“

Падот на Катица Јанева за неа е фасцинантно екстремен и поради тоа погоден за расказ.

„Тоа што се слизнала да се шитне на таков начин ми е неверојатно.“

Општествените потреси будат

Румена Бужаровска е убедена дека државава ќе се оправи зашто, како што вели, инаку не би живеела тука. Неславниот крај на СЈО го карактеризира како дел од еден, сепак, нормален процес.

„Можеби треба да ни се случи уште поголем потрес за уште повеќе да се разбудиме. Можеби ни треба шамарот од Европската унија, можеби ни треба да се разочараме уште еднаш за да направиме многу повеќе од тоа што сме го направиле!“

„Можеби треба да ни се случи уште поголем потрес за уште повеќе да се разбудиме. Можеби ни треба шамарот од Европската унија, можеби ни треба да се разочараме уште еднаш за да направиме многу повеќе од тоа што сме го направиле!“

„Пред Шарената револуција бевме доста заспани, да не беа ВМРО и сите грозности што ги направија, можеби немаше да станеме критички настроени.“

Ужасно ја нервира тоа што ние како општество сме прилично пасивни, тоа што не критикуваме, не си ја извршуваме работата до крај, тоа што сме многу непрофесионални и зависиме од нашите семејства.

„Семејствата нѐ тераат да заземеме некои комотни позиции на молк, кои се всушност позиции на страв. Во семејството ти велат ‘ќути си и чекај, не мораш баш ти да се буниш’. Не верувам во тоа дека има некој друг, секој мора да си го направи своето. Во моментот кога го сфатив тоа, почнав да протестирам.“

https://prizma.mk/buzharovska-kako-opshtestvo-potrebni-ni-se-ushte-shamari