Не одам никаде

Една вазна станува повод Лидија да експлодира поради љубомора кон животот на нејзината другарка. Весна, универзитетска професорка која ги толерира неверствата на својот сопруг и рамнодушноста на својот син, неочекувано станува учесничка на настан за моќни жени во резиденцијата на американската амбасада. Ели се враќа во својот детски дом со тајна надеж дека ќе го пронајде поранешниот љубовник, а Ристе се враќа од Австралија полн страв да не биде осуден за својата неможност да успее „надвор“, таму каде што животот е секогаш подобар од дома.

Прецизни и напнати, расказите од „Не одам никаде“ се експлозии од емоции. Шокираат, растажуваат и вознемируваат, но знаат и да насмеат. Географскиот и внатрешниот егзил е главниот поттик за конфликтите на ликовите во збирката, заедно со сите наметнати очекувања што ги отежнуваат меѓучовечките односи. Обременети од притисоците на западниот свет, од потценувањето на македонскатa и балканска реалност, тие не можат да избегаат од своите комплекси, каде и да одат.

„Бужаровска е искучително талентирана, модерна и учена раскажувачка, која пораснала со влијанието на американските раскази. Има невообичаено читлив и заводлив стил, дури и кога обработува мрачни теми. Човек лесно би си помислил дека е наследничка на Ани Ерно, решена да стане некој и нешто, иако веќе е она што посакува да биде.“

Дубравка Угрешиќ

Мојот маж

Сите раскази во оваа хит книга се раскажани од прво лице од страна на единаесет различни жени. Сепак, приказните што ги раскажуваат не однесуваат само на нив, туку и на односите со сопрузите, децата, родителите, колегите и пријателите. Оттаму, „Мојот маж“ е галерија на извонредно впечатливи и прецизно профилирани ликови, на психолошки, но и социјални портрети, со особена критика кон патријархатот. Бидејќи, кога жените зборуваат за своите бракови и сопрузи – гинеколози, поети, полицајци – зборуваат и за професионалниот и класниот статус и за односите на моќ, со оглед на тоа што поголемиот дел од женските ликови се засенети и запоставени поради престижот и професијата на нивните сопрузи.

Сето ова е напишано во најдобриот дух на американскиот расказ, на најнепретенциозен начин, со јазикот на обичните луѓе, без никаква патетика. Едноставно, разорно, вистинито и трагикомично.

Осмица

Осмица е збирка раскази чии главни ликови се жени од различни возрасти. Тина доживува трауматично искуство при првата посета на гинеколог. Кети не сака да го покаже економскиот статус пред нејзината богата пријателка и ги троши заштедите на скапо здолниште. Млада сопруга е принудена да живее со свекрва ѝ и нејзината агресивна мачка. Секоја приказна е мала драма што води кон емотивни ќорсок, тензија и распад на семејните односи.

Авторката силно ја чувствува положбата на жената, нејзиниот отпор и немоќ под притисокот на распаднатото патријархално општество, опишувајќи ја со едноставен, прецизен, наместа духовит стил. 
Оригинално објавена во Блесок, 2010,  Осмица е реиздадена како избор од расказите од оригиналното издание, но и од дебитантската збирка Чкртки. 

Чкртки

Исцрпено издание

Чкртки е дебитантската збирка на Бужаровска која го навести успехот на авторката во владеењето на формата на расказот, но и ги воспостави темите со кои Бужаровска се занимава и во нејзините други книги: положбата на жените во општеството, комплексноста на семејните односи, чувството на инфериорност на балканскиот свет кон Западот, како и остра критика на патријархатот.  Збирката веќе не е во печат, но дел од оригиналните раскази се наоѓаат во последното издание на Осмица.