
Не одам никаде
Една вазна станува повод Лидија да експлодира поради љубомора кон животот на нејзината другарка. Весна, универзитетска професорка која ги толерира неверствата на својот сопруг и рамнодушноста на својот син, неочекувано станува учесничка на настан за моќни жени во резиденцијата на американската амбасада. Ели се враќа во својот детски дом со тајна надеж дека ќе го пронајде поранешниот љубовник, а Ристе се враќа од Австралија полн страв да не биде осуден за својата неможност да успее „надвор“, таму каде што животот е секогаш подобар од дома.
Прецизни и напнати, расказите од „Не одам никаде“ се експлозии од емоции. Шокираат, растажуваат и вознемируваат, но знаат и да насмеат. Географскиот и внатрешниот егзил е главниот поттик за конфликтите на ликовите во збирката, заедно со сите наметнати очекувања што ги отежнуваат меѓучовечките односи. Обременети од притисоците на западниот свет, од потценувањето на македонскатa и балканска реалност, тие не можат да избегаат од своите комплекси, каде и да одат.
„Бужаровска е искучително талентирана, модерна и учена раскажувачка, која пораснала со влијанието на американските раскази. Има невообичаено читлив и заводлив стил, дури и кога обработува мрачни теми. Човек лесно би си помислил дека е наследничка на Ани Ерно, решена да стане некој и нешто, иако веќе е она што посакува да биде.“
Дубравка Угрешиќ